СОВЕТОДАВНИ УСЛУГИ

Институтот на Директори во соработка со Меѓународната финансиска корпорација (ИФЦ) членка на групацијата на Светска Банка ги нуди следните советодавни услуги за Македонските компании.

КРАТОК ПРЕГЛЕД НА КОРПОРАТИВНОТО УПРАВУВАЊЕ (CORPORATE GOVERNANCE REVIEW)

Прегледот за корпоративно управување претставува основно скенирање на документите и практиките на корпоративно управување во компанијата. Прегледот се базира на Матрицата за корпоративно управување што Институтот заедно со ИФЦ ја има развиено во 2010 година и врз основа на која до сега се изготвени повеќе од 15 Прегледи на водечки македонски компании. Прегледот се изготвува врз основа на структуриран разговор во траење од отприлика 2-3 часа со претставник на компанијата, а потоа финалниот извештај со соодветни препораки се презентира пред група на претставници на компанијата.

ДЛАБИНСКА ОЦЕНКА НА КОРПОРАТИВНОТО УПРАВУВАЊЕ (CORPORATE GOVERNANCE ASSESSMENT)

Длабинската оценка на корпоративното управување претставува сеопфатна анализа на процесот на корпоративно управување во компанијата и истата се базира на Методологијата на ИФЦ за корпоративно управување, која е најреферентна методологија во оваа област во светот1. Оценката за корпоративно управување вклучува анализа на сите релевантни документи и спроведување на интревјуа со сите претставници на компанијата кои учествуваат во системот за корпоративно управување, и изготвување на длабински извештај со препораки за подобрување на системот за корпоративно управување во компанијата. Длабинската оценка на корпоративното управување типично вклучува и поддршка во имплементација на препораките. Подолу се претставени клучните области на кои се осврнува оваа длабинска проценка.

  1. Пристап/посветеност на корпоративното управување– анализа на вкупниот пристап на компанијата кон корпоративното управување, вклучително низ евалуација на основачките документи на компанијата, оценка на тоа каков е „тонот-на-врвот“ во однос на корпоративното управување и како истиот е пренесен низ организацијата; дали компанијата ги има воспоставено сите клучни функции кои се неопходни за функционирање на доброто корпоративно управување, и дали има избрано соодветни кадри за истите;
  2. Одбор на директори/надзорен одбор/ имплементација на функцијата на надзор–анализа на вкупната структура и функционирање на одборот на директори/надзорниот одбор, и на тоа дали функциите на управување кои се однесуваат на стратешкото насочување на компанијата и на надзорот врз менаџерите се ефикасни и оптимално имплементирани во компанијата, и дали постојат области во кои има простор за засилување на практиките. Овој дел на длабинската оценка на корпоративното управување исто така се фокусира на практиките на функционирање на одборот на директори/надзорниот одбор, потребниот микс на вештини на ниво на одборот, и односот меѓу одборот на директори/надзорниот одбор и менаџерите.
  3. Контролна средина – анализа дали компанијата има:
    1. Соодветна структура на контролната средина и надзор над истата;
    2. Систем за внатрешни контроли кои овозможуваат увид дека: финансиските и другите информации во компанијата се точни, навремени и сеопфатни; дека компанијата е усогласена со законската и регулаторна рамка; и дека постојат разумни контроли на правото за донесување на дискрециони одлуки од страна на менаџерите и вработените;
    3. Оптимален систем за управување со ризици, и дали овој систем овозможува ризиците да бидат соодветно идентификувани, проценети и мониторирани на трајна основа од страна на оддели/функции за управување со ризици во кои се вработени правилно обучени поединци и преку соодветен надзор од страна на одборот на директори / надзорниот одбор или определни комитети;
    4. Воспоставено оддел/функција за усогласеност, и дали усогласеноста е интегрирана во вкупната корпоративна култура, и дали ризикот на усогласеност е правилно дефиниран и управуван;
    5. e. Ефективна функција на внатрешна ревизија која функционира во согласност со стандардите на професијата и најдобрите практики.
  4. Транспаретност и комуникација со инвеститори – анализа на политиките и механизмите на компанијата за навремено и точно обелоденување на информациите, и дали компанијата има внатрешни политики и практики за определување на материјалноста на определни информаци, дали методите на обелоденување на информациите се соодветни, вклучително и годишните извештаи, структурата на интернет страниците и он-лајн известувањето.
  5. Односи со акционери – оваа област се однесува на на пристапот на компанијата во односите со акционерите, вклучително малцинските.